Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски ја поздравува иницијативата на Градски енергетски системи (ГЕС) да започнат со снабдување со топлинска енергија во Скопје Север и Автокоманда.
До РКЕ, како што вели Бислимоски, веќе е поднесено барање од ГЕС за што Регулаторот издал решение за прекин на постапка што е обжалено на Управен суд и во моментов се чека одлука од Судот.
– Во изминатиот период имав комуникација со претстравници од ГЕС и Балкан енерџи груп (БЕГ) и сметам дека ќе се најде компромисно решение пред се за мрежата која сега е дадена на користење на ГЕС, но за неа претходно има договор за користење во период од 35 години со БЕГ што започна да се применува од 1 јануари 2013 година. За онаму каде ГЕС ќе ни покаже дека има свои основни средства може да добие лиценца. Тоа најбрзо би можело да се случи за Скопје Север, а потоа и во делот на Железара, односно за Енергетика. За тоа помеѓу себе треба да се договорат ГЕС и Енергетика која е во сопственост на Електрани на Македонија (ЕСМ), изјави Бислимоски.
Тој нагласи дека треба да се најде соодветен начин на кој тие средства би се дале на користење на ГЕС.
– Во Скопје Север имаме компанија која функционира со огромни загуби и нема ни финансиски средства да ги покрива трошоците за набавка на природен гас. И во текот на минатата грејна сезона и во текот на оваа грејна сезона ова претпријатие имаше сериозни проблеми во овој дел. Како Регулаторна комисија за енергетика неколку пати го замоливме снабдувачот со природен гас Макпетрол хром гас да им излезе во пресрет пред се заради граѓаните, рече Бислимоски.
Тој нагласи дека топланата во Скопје Север има огромен потенцијал за нови потрошувачи, бидејќи во голем дел од зградите во Скопје Север и во Тоопанско Поле веќе има постоечка инфраструктура.
– Верувам дека ќе има голем број на корисници кои ќе се приклучат на организираниот систем за греење и со тоа ќе придонесат за намалување на своите трошоци и за намување на загадувањето во Град Скопје, потенцира Бислимоски.