Заврши реконструкцијата на внатрешноста на централното основно училиште „Ванчо Китанов” во Пехчево и во подрачните училишта во селските населби во општината. На прес-конференција по повод завршувањето на активностите, пехчевскиот градоначалникот Драган Тренчовски истакна дека Општина Пехчево континуирано инвестира во подобрување на условите во училиштата во општината.

-Подобрувањето на условите во основните и во средното училиште е она на што работиме во континуитет. Целта е да им се овозможи на учениците, но и на наставниот кадар, максимални услови за непречено одвивање и следење на наставниот процес. Со завршувањето на реконструкцијата, централното училиште доби комплетно нов лик со што учениците во ова основно училиште во Пехчево, наставата ќе ја следат во целосно реновирана училишна зграда, истакна Тренчовски.

Тој додаде дека со средства од општинскиот буџет и со сопствени средства од училиштето во минатиот период се вршеше и реконструкција на подрачните училишта во селата Црник, Робово и Умлена.

-Се вршеше реконструкција скоро на сите позиции во основните училишта во споменатите села и тоа во делот на опремување на работните простории во училиштата, подобрување на санитаријата во тоалетите, обезбедување нови реквизити за музичките и спортските секции, реновирање на покривната конструкција, обезбедување нови техничко-нагледни средства и обновување на библиотечниот фонд, набавка на интерактивни табли, изградба на летниковци во дворовите, поставување електрични панели на покривите во училиштата и многу други активности кои ќе значат подобри услови за сите ученици, додаде Тренчовски.

Директорката на училиштето Добрилка Јовевска изрази задоволство од досега реализираното и со ентузијазам најави реализација на уште многу проекти кои директно ќе влијаат на подобри постигнувања на учениците.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2020 13:50