Продолжува да се гради локалниот пат кој ќе ги поврзе каменичките села Луковица и Косевица. На увидот во градежните работи, градоначалничката Соња Стаменкова истакна дека во моментов се работи на пробивање на трасата долга 1960 метри.

-Паралелно на овие активности, општина Македонска Каменица во соработка со ЈП „Камена Река“ врши уредување на постоечката подземна водоводна и канализациска мрежа. Иако постојат потешкотии со кои се соочуваме при реализацијата на инфраструктурните проекти поради Ковид-19, од економскиот оператор кој ги изведува градежните работи добив уверување дека предвидената динамика за реализација на проектот ќе биде задржана и тој ќе биде завршен во најкус можен рок, рече Стаменкова.

Таа додаде дека со изградбата на овој локален пат општината ќе овозможи полесен пристап до домовите на жителите од овие две села, како и олеснета миграција на населението од една во друга рурална средина.

-Со тоа, остваруваме уште една наша програмска определба за директно помагање на локалниот економски развој во руралните средини од нашата општина, која и покрај кризата предизвикана од појавата на Ковид-19 ќе продолжи со капиталните инвестиции, додаде Стаменкова.

Изградбата на оваа делница ќе ја чини Македонска Каменица 14 милиони денари, кои се обезбедни од буџетот на Општината.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2020 16:04