Директорот на Агенција за млади и спорт Дарко Каевски и градоначалникот на Неготино, Тони Делков извршија увид во градежните активности на спортската сала „Младост“ во овој град. Реконструкцијата, прва по изградбата на салата во 1984 година, започна пред два месеца.

Градоначалникот Тони Делков посочи дека оваа сала во изминатите 15-20 години беше надвор од функција.

– Денеска можеме заедно да констатираме дека обврската која ја презедовме пред граѓаните, ја исполнуваме. Оваа сала го доби првиот чекор од конечната реконструкција, а тоа е кровната реконструкција, како и подот во малата и големата сала. Со ова сакам прво да се заблагодарам на Агенцијата за млади и спорт, бидејќи оваа инвестиција доаѓа токму од оваа агенција, нагласи тој.

Општина Неготино, додаде, продолжува во понатамошниот период, веќе и обезбеди пари со ребалансот на буџетот. Делков информираше дека четири ипол милиони денари се обезбедени, за неполна недела до десет дена се распишува тендерот за доуредување на прозорите на спортската сала, како на тоалетите, така и на дел од трибините и надворешната фасада на самата спортска сала.

– Со тоа сметаме дека обврската која ја презедовме пред граѓаните на Неготино, да оваа спортска сала, сала која има одлични предиспозиции, ќе им овозможиме на сите млади неготинчани да своите спортски активности ги извршат непрекинато. Така да уште еднаш благодарност, сметам дека Неготино се движи во вистинската насока, изјави Делков.

Двајцата најавија дека во наредниот период ќе се реализира проект за изградба на базен.

– Голема чест и задоволство ми претставува што токму денеска можеме да ги видиме благодетите од самата реконструкција. Го реконструиравме подот во поголемата и во помалата сала, покривот на целата сала и дополнително и трибинскиот простор и со тоа ја завршуваме првата фаза во делот на реконструкцијата на оваа сала. Драго ми е што неготинчани ќе добијат место каде повторно ќе можат непрекинато да ги одвиваат своите спортски активности и притоа повторно да ги вратат, да ги ребрендираат нивните спортски клубови кои и те како се гордост на неготинчани. Сигурен сум дека повозрасните неготинчани се сеќаваат дека токму во оваа сала се случуваа големи спортски активности, големи спортски натпревари, кои беа одличје и одбележје како на спортот во нашата држава, така и на Неготино. Верувам дека заеднички повторно токму во оваа сала ќе следиме големи натпревари, со тоа секако заеднички ќе се радуваме на подигањето на спортските услови, пред се во Неготино и секако спортската инфраструктура, рече Каевски.

Тој се заблагодари на градоначалникот и целата општина за партнерското реконструирање и изрази уверување дека со заеднички напори ќе се реконструираат и останатите работи кои се потребни за оваа спортска сала да блесне во сиот сјај, како пред неколку години.

Следниот голем капитален објект за општина Неготино ќе биде затворен пливачки базен, кој е ставен во втората фаза.

– Веќе ние од проектот 14 затворени пливачки базени, шест се во реализација, осум се во следната фаза, односно во втората половина на оваа година ќе започнат со градежните и секако техничките активности за изградба на затворениот пливачки базен. Верувам дека со ваква посветеност, како од централната, така и од локалната власт, можеме да направиме многу, како за Неготино, така и за целата држава и верувам дека заеднички можеме да ја подигнеме спортската инфраструктура што е клучна за развивање на спортот и за развивање на спортските стандарди во нашата држава, додаде Каевски.

Спортската салата беше изградена со самопридонес на неготинци.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2020 16:10