Ако масовната миграција го преполови бројот на венчавки, пандемијата со Ковид-19 во Дебар нив ги сведе на минимум.

Како што потврдува Афрдита Шахини, референт за склучување бракови во Дебар, во градот во последните три месеци во матичната книга на венчаните се запишале само три брачни двојки.

– Во март, април и мај имаме само по еден брак, додека заедно со претходните два месеца, значи јануари и февруари судбоносното „да“ кај нас го кажале 22 брачни двојки. Ако оваа бројка ја споредиме со истиот период лани, кога имало 46, тоа е речиси половична бројка, вели Шахини, додавајќи дека ова се податоци само за склучени бракови во градот.

Додава дека доколку продолжи ситуацијата со Ковид-19, бројот на склучените граѓански бракови ќе биде многу помал споредено со другите години.

Тоа поради фактот што младите кои живеат и работат во странство, доаѓаат во летниот период во родниот крај, прават свадби и се запишуваат тука во матичната книга на венчаните. Лани во Дебар биле склучени 125 бракови, што е речиси двојно помалку споредено со бројот на бракови кои се евидентирани пред речиси една деценија. Во овој град свадбите по традиција почнуваа во мај, кога тука пристигнуваа главно нашинците од САД, каде има над 16 илјади дебрани, а најмасовно домашните веселби се правеа во јули и август, кога во родниот крај престојуваат и оние чија втора татковина е некоја од западно европските земји, каде се околу седум илјади дебрани.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2020 19:27