Пандемијата со коронавирусот како и во останатите спортови така и во пинг понгот им ја ускрати можноста на натпреварувачите на спортските терени да покажат кој е најдобар. Пинг понгарските натпревари се прекинуваат, сезоната е завршена, но не на пинг понгарската маса туку на зелена маса. Ставовите на раководството на пинг понгарската федерација и собранието на клубови на својата последна седница само ги потврди управниот одбор на пинг понгарската федерација.
Со одлуката за прекин на првенството и завршување на сезоната без прогласување на шамион за сезоната 2019/20 најмногу изгубија првопласираните четири екипи во супер лигата, Младост од Прилеп, Шампион ФА од Штип, Младост 96 од Прилеп и Работнички од Скопје, екипи кои без скоро сигурни учесници во плеј оф натпреварите.
За да нема оштетени клубови, пинг понгарската федерација заедно со собранието на клубови донесоа одлука да нема испаѓање од лигите. Со таа цел супер лигата за сезоната 2020/21 ќе брои десет екипи, додека сите првопласирани екипи според моменталната ситуација на табелите од регионалните лиги, следната сезона ќе се натпреваруваат во првата лига. Со непланираното прекројување на супер лигата во следната сезона првенството сигурно ќе биде поинтересно, бидејќи супер лигата од сезоната 2021/22 повторно ќе брои осум екипи. Затоа интересни борби се очекуваат и за обезбедување опстанок во елитата.
Поради ситуацијата предизвикана со пандемијата од коронавирусот преодниот рок наместо во вообичаениот термин во јуни, поместен е во периодот од 1 до 25 август.
Исто така пандемијата со коронавирусот не дозволи и одржување на поединечните државни првенства кои на пинг понгарскиот календар беа во март. Истите се планирани да се одржат во месец септември, за кога е планиран и почетокот на новата сезона. Завршните топ турнири на кои учествуваат најдобрите играчи оваа година нема да се одржат.
Покрај сите лоши вести предизвикани од пандемијата, радосна вест стигна од европската пинг понгарска федерација на која на сите клубови без разлика во која лига се натпреваруваат им се овозможува да учествуваат во соодветните натпреварувања во рамките на европските купови.