Значително поголем број жени отколку мажи се соочуваат со ментални проблеми, што се развиваат како последица на пандемијата на новиот коронавирус, бидејќи потешко ги поднесуваат мерките за изолација воведени да помогнат во борбата против Ковид-19, покажува британско истражување.

Научниците од Институтот за социјални и економски истражувања од Универзитетот во Есекс, Лиса Спантиг и Бен Етриџ, врз основа на истражување, заклучиле дека жените потешко ја поднесуваат социјалната изолација за разлика од мажите, воведена како дел од карантинските мерки.

Истражувањата укажуваат на пад на чувството на благосостојба меѓу мажите и жените

Нивната студија покажа дека бројот на луѓе со најмалку едно сериозно ментално нарушување по карантинските мерки се зголемило меѓу двата пола, пишува „Гардијан“.

Кај мажите, процентот на оние со еден потежок ментален проблем се искачи од седум проценти на 18, а кај жените од 11 на 27 проценти.

Студиите спроведени во САД и Велика Британија за време на карантинот укажуваат на пад на чувството за благосостојба и кај мажите и кај жените.

Економските фактори се наведени како главни причини зошто повеќе жени отколку мажи одговориле дека нивното ментално здравје е под влијание на пандемијата.

„Но, истражувањето покажа дека жените го ’извлекле краткиот крај на сламката’ во различни области. На пример, тие во неколку случаи ги загубиле своите работни места“, истакна Етриџ.

Женската популација беше најтешко погодена од недостиг на социјални односи

Меѓу останатите фактори што го намалуваат чувството на благосостојба кај жените е недостигот на време за физичка активност, но и фактот дека жените имаа повеќе работа да се грижат за децата и дека е зголемен обемот и интензитетот на домашните работи.

Но, Етриџ истакна дека најновите истражувања покажуваат дека женската популација е најтешко погодена од недостигот на социјални односи.

„Жените вообичаено имаат повеќе блиски пријатели и пријателки. До неодамна, забраната за гледање на блиските личности надвор од домот, кај жените резултираше со намалено чувство на ментална благосостојба“, додава Етриџ.

Повеќе од една третина од учесниците во студијата, односно околу 34 проценти, изјавиле дека повремено се чувствуваат осамено за време на карантинот, а 11 проценти изјавиле дека честопати се чувствуваат осамено.

Кај мажите, на истото прашање 23 проценти одговориле дека повремено се чувствуваат осамено, а само шест проценти изјавиле дека честопати се чувствуваат осамено.

Истражување спроведено за да се следи менталната состојба на Британците за време на карантинот

Истражувањето се заснова на комуникација преку интернет, со лица кои учествуваа во студијата спроведена во британските домаќинства, а целта е да се овозможи научниците да ја следат психичката состојба на Британците за време на карантинот.

Резултатите од анкетата за тоа на кој начин луѓето се справуваат со изолацијата, во време на пандемија на новиот коронавирус, се „засилени“ со податоци од веб-страниците. Резултатите од анализата на „Гугл трендс“ открија дека бројот на пребарувања за изрази како „осаменост“, „загриженост“ и „тага“ е зголемен во многу земји низ целиот свет.

Етриџ додава дека последиците од корона-кризата, во просек, имаат најголемо влијание врз менталното здравје на младите жени под 30-годишна возраст и дека мажите на возраст меѓу 50 и 69 години се најмалку погодени од изолацијата и карантинот.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/06/2020 10:41