Шпекулациите во јавноста дека голем дел од медицинскиот персонал во Гевгелија е заразен од коронавирус денеска беа демантирани од страна на директорот на Општата болница во Гевгелија, Митко Крџев, кој изјави дека нема позитивни лица на вирусот меѓу персоналот во таа јавна здравствена установа.

– Со задоволство можам да информирам дека по извршениот скрининг на вработените од јавната здравствена установа во Гевгелија, резултатите покажаа дека меѓу персоналот нема дијагностицирани позитивни носители на вирусот, поточно дека сите се негативни на коронавирусот, рече д-р Крџев.

Посочи дека скринингот на целокупниот персонал бил прифатен со конзенсус од три причини. Првата, појасни, поради тоа што здравствените работници се експонирани на ризик од контакти од кои може да бидат заразени, втората заради навремено откривање на асимптоматски носители на вирусот и третата причина заради навремена изолација доколку покажеле позитивен тест.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2020 15:56