Отворен е конкурсот за „Наградата од Европската Унија за истражувачко новинарство 2024“. Рокот за поднесување апликации е 13 јуни 2024 до полноќ, соопшти денеска Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
- Ги покануваме сите новинари од Македонија кои имаат објавено истражувачки стории во текот на претходната календарска година да се пријават за ЕУ наградата за истражувачко новинарство. Наградата има за цел да ја подобри слободата на изразување, да го поддржи владеењето на правото и да фрли светло на различни прашања кои влијаат на националните и регионалните случувања. Тоа може да вклучува организиран криминал, корупција, екстремизам, странски влијанија, прекршување на човековите права (вклучувајќи и во онлајн сферата), и други суштински прашања од јавен интерес, се вели во соопштението.
Како дополнување на националните награди, втора година по ред ќе биде доделена и регионална награда за истражувачко новинарство. Регионалната награда има за цел да поддржи разработка на прашања од прекугранично значење и да адресира предизвици кои регионално влијание.
Годишниот награден фонд за нашата држава изнесува 10.000 евра. Дополнително, наградниот фонд за регионалните награди изнесува исто така, 10.000 евра. Ќе бидат избрани три најдобри стории на национално, и три на регионално ниво, при што паричните награди изнесуваат по 5.000 евра за прво место, 3.000 евра за второ место и 2.000 евра за трето место.
Секој кандидат може да пријави свои стории за националната, за регионалната или и за двете награди. Еден кандидат на конкурсот може да пријави најмногу три стории.
Жири-комисијата, како што се наведува, ја сочинуваат локални и меѓународни експерти, уредници, академици и искусни новинари, со цел да се обезбеди фер и строг процес на оценување.
- Оваа година членовите на жири-комисијата за националната награда ќе имаат ексклузивно право сториите кај кои ќе препознаат регионална вредност да ги предложат и за регионалната награда, дури и во случај тие стории при аплицирањето да не биле пријавени за тој конкурс. Доколку пријавените не освојат една од трите награди на националниот конкурс, сепак може да се натпреваруваат за регионалната награда доколку ги исполнуваат критериумите, стои во соопштението.
Конкурсот за ЕУ наградата за истражувачко новинарство 2024 го организира „Томсон Mедија“, а спроведувач во Македонија е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), организации со децениско искуство во развој на медиумите, промоција на правата на новинарите и професионалното новинарство.
Како и минатата година, конкурсот е дел од проектот „Зајакнување на квалитетното новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција 2“, кој има за цел подобрување на видливоста на квалитетното новинарство во регионот.
Овој проект е финансиран од Европската Унија и е спроведуван од конзорциум кој го сочинуваат Балканската истражувачка репортерска мрежа – БИРН Хаб, Централно-европскиот Универзитет (ЦЕУ) – Унгарија, Асоцијацијата на новинари (АЈ) – Турција, Томсон Медија (ТМ) – Германија, Универзитетот Гоце Делчев Штип (УГД) – Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) – Македонија, Асоцијацијата на медиумите од југо-источна Европа (МАСЕ) – Црна Гора и Балканската истражувачка репортерска мрежа Косово (БИРН Косово).