Градоначалникот на Охрид Констатин Георгиески и претседателот на Националната комисија на УНЕСКО Едмонд Адеми денеска извршија увид во активностите за уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро, после акцијата за отстранување урбана опрема и бесправни градби поставенни надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план.

Како што објави Георгиески на неговиот фејсбук-профил, заедно со министерот без ресор Адеми била постенцирана посветеноста на локалната и централната власт во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО и имплементација на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион.

Акцијата за уредување на просторот ја спроведоа акипи со механизација на сите општински јавни претпријатија, при што се изврши подигнување на градежниот шут и несоодветниот материјал, а планирани се и активности за насипување и уредување на плажата со соодветна речна песок.

Георгиески потврди дека некои од сопствениците на објекти на крајбрежниот појас од населбата „Свети Стефан“ до потегот на крајбрежјето кај „Градиште“ веќе започнале самостојно да ги отстрануваат поставените нелегални објекти на плажите, упатувајќи апел и до останатите да постапат согласно дадените препораки.

„Процесот на отстранување на урбаната опрема и бесправните градби од крајбрежниот појас на Охридското Езеро, според планираното ќе продолжи по завршување на активностите на уредување и ќе трае се до конечно расчистување на крајбрежјето“, стои во статусот на градоначалникот Горгиески.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/06/2020 20:35