Италија ќе префрли околу 180 мигранти од спасувачкиот брод „Оушн Викинг“ во карантин на бродот „Моби Заза“, откако со денови одбиваше да ги прифати, пренесе ДПА.

Префрлањето на мигрантите е планирано за утре , откриваат извори од Министерството за внатрешни работи.

Мигрантите беа спасени во четири одделни операции. Првите две операции беа спроведени минатата недела, а спасени се мигранти кои бегале од насилството и злоставувањата во Либија, соопшти „СОС Медитеране“.

-Ситуацијата на бродот стана неподнослива, мигрантите почнаа да штрајкуваат со глад и се закануваа со самоубиства, предупредуваат од организацијата.

„Оушн Викинг“ неколку пати бараше од Италија и Малта да прифатат мигранти, но без никаков резултат. Во екот на пандемијата на коронавирус двете земји веќе не дозволуваат симнување на спасените мигранти од бродот.

Откако екипажот на „Оушн Викинг“ побарал итен прием на 45 мигранти, вчера италијански психијатар и посредник минале неколку часа со мигрантите.

Потоа, официјален Рим го одобри нивниот трансфер во карантин на бродот „Моби Заза“.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/07/2020 15:23