Холивудската ѕвезда Двејн Џонсон – „Карпата“ е најскапо платениот Инстаграм „инфлуенсер“, според податоците на британската компанија за маркетинг на социјалните мрежи – Хопер ејч-кју.
За една спонзорирана објава, американскиот глумец добивал и над милион долари. Со тоа тој ја надмина и најмладата милијардерка во светот – Кајли Џенер, чиишто тарифи достигнуваат околу 986.000 долари за објава. Следни во списокот најплатени „инфлуенсери“ се фудбалерот Кристијано Роналдо, супермоделката Ким Кардашијан, пејачката Аријана Гранде, Селена Гомез, Бијонсе, Џастин Бибер и Тејлор Свифт, како и фудбалерот Нејмар.
Листата е создадена по разговори со славните личности, како и со компаниите. За одредувањето на цените се користат јавно достапни информации.
Меѓу спонзорите на „Карпата“ се технолошкиот гигант Епл, производителот на спортска опрема Андер Армор и норвешкиот бренд за пакувана вода – Вос, каде што глумецот има свој удел.