Тројца високо позиционирани активисти од Хонг Конг, членови на продемократкото движење „Демосито“, денеска се појавија во суд каде против нив се отворени постапки за организирање на минатогодишните немири за што против нив се поднесени обвиненија, јави ДПА.
Продемократскиот активист Агнес Чоу се изјасни за виновен по обвиненијата за поттикнување и учество во неовластено собирање, додека неговите колеги активисти Џошуа Вонг и Иван Лам се изјаснија за невини во истите обвиненија.
Вонг дополнително се изјасни дека не е виновен по обвинението за организирањето неодбрен собир.
Тројцата денеска се ослободени од притвор со кауција што им важи до 5 август, кога е предвидено на Чоу да му биде изречена казната.
Во екот на ланските масовни демонстрации против сега повлечениот закон за екстрадиција, на 21 јуни 2019 година, демонстрантите блокираа патишта, извикуваа и фрлаа предмети против полиција и ја опколија централната полициска станица, како одговор на наводната полициска бруталност.
Вонг денеска, зборувајќи во судот, за ДПА кажа дека политичкиот прогон сега е дел од секојдневната рутина во Хонг Конг.
– Во моментов се гонат повеќе од 1.600 жители на градот, а речиси 10.000 од нас, Хонгкончани, минатото лето беа уапсени. За нас е тешко време, но се уште не е време да се предадеме, рече тој.
Во средата, на 1 јули, денот кога Хонг Конг ја одбележа 23-годишнината од предавањето во рацете на Кина од британското владеење, во сила стапи новиот Закон за национална безбедност, наметнат од Кина. Законот има за цел да го казни секој обид за отцепување, субверзија, тероризам и дослух со странските сили во Хонг Конг.
Критичарите на законот велат дека целта е да се уништи секое несогласување во финансискиот центар, што ланските протести целосно го разнишаа.
Иако маршот за одбележување на годишнината беше забранет од полицијата, стотици лица, сепак, излегоа на улиците во знак на протест против новиот закон, што резултираше во повеќе од 370 апсења, од кои 10 се за кршење на новиот Закон за безбедност.
Според новиот закон, „сериозните прекршители“ може да се соочат со казна доживотен затвор или со казна со определен рок, но не помала од 10 години.
Во минатото, Хонг Конг уживаше поголеми политички слободи отколку Кина, дополни ДПА.
Вонг рече дека тој и другите активисти за демократија ќе продолжат да се обидуваат да се слушне гласот на Хонгконгчаните во светот.
-Сега е време светот да го поддржи Хонг Конг, додаде тој.