Највисоки функционери и правни експерти се судрија околу оправданоста на истражувањето дали полицијата во Германија применува расно профилирање, што според активистите за човекови права е широко распространета практика во земјата.
Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) претходно и препорача на федералната полиција во Германија да нарача студија за спроведување на расно профилирање.
Германското Министерство за внатрешни работи, кое е надлежно за сојузната полиција, првично се согласи на идејата, но портпаролот на Министерството вчера изјави дека сè уште нема потреба од тоа.
– Таканареченото расно профилирање не е дозволено. Тоа се учи за време на почетната и постојаната обука и тоа не се случува, рече портпаролот Стив Алтер во Берлин.
Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер прво сакаше да го почека извештајот за „екстремистичките и расистичките тенденции“ на јавни службеници кој го изготви германската разузнавачка агенција, пред да размисли дали се потребни понатамошни чекори, рече Алтер.
Германската министерка за правда, Кристин Ламбрехт изјави дека препораката на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата да се испита расилно профилирање во полицијата е „исправна и важна, за да се добијат најновите факти“.