Во Младинскиот парк во Велес синоќа беше претставен перформансот-изложба „Зошто“ на ликовниот уметник Спасе Перовски, на кој беа изложени примероци од дневeн весник, изданија од септември-декември 2016, 91 прашање и 91 примерок од книгата „Зошто“, отпечатена во 2020 година, како линија во отворен простор долга 27,3 метри.

Авторот Перовски за МИА изјави дека била многу комплексна идејата и дека настанала во изборната 2016 година, а симболично ја реализира по четири гоидини, два дена пред одржување на нови парламентарни избори.

Вели дека е комплексен проект затоа што опфаќа информации достапни до консументите од три медиуми – „Слободен печат“, кој и самиот е интегрален дел на делото како визуелна форма и контекст на информацијата, и телевизиите Телма и Сител – медиуми кои ги користи во информациите коишто се во прилог на прашањето. –Ова не е политички проект туку ликовно дело кое има директна врска со еден изборен циклус. Делото го реализирав три месеци пред парламентарните избори во 2016 година, а завршува два дена пред тогашните избори. Практично, секој ден во 18 часот во Младински парк – Велес, отпечатено на А4 формат бела хартија. Поставував прашање кое во текот на реализацијата опфаќа две проблематики и тоа: култура и влијанието на општествено – политичката состојба врз неа низ погледот на уметникот и тогашната политичка сосотојба со целото влијание врз неговата уметност, егзистенција интегритет и семејство, појасни Перовски.

Создавањето на ова дело, вели, од него барало многу сила и големо ангажирање со време, информации и датирање на ликовност во него, во јазична и визуелна смисла.

Од книгата отпечатил 300, а изложил 91 примерок, а присутната публика можеше да си земе книга како подарок од авторот. -Пораката на перформансот е секој да го најде човекот во себе, потенцираше Перовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/07/2020 15:42