На годишно ниво, во домашниот и во меѓународниот патнички сообраќај, на аеродромите се очекува бројот на патниците во 2020 година да биде помал за 50,4 проценти во однос на 2019 година, оценува директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев во осврт за влијанието на пандемијата со Ковид-19 врз воздушниот сообраќај во Европа.

Тој потенцира дека влијанието на пандемијата на вирусот Ковид-19 врз глобалниот воздушен транспорт е без преседан во неговата стогодишна историја на развој. Комерцијалниот патнички воздушен сообраќај е најдиректно погоден од глобалната здравствена криза. Аеродромите ширум светот бележат пад од 28,4 проценти во бројот на пристигнати и заминати патници за првиот квартал годинава што е еквивалентно, наведува, на намалување од 612 милиони патници во апсолутна вредност.

Тунтев упатува на проценките на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИЦАО) дека до крајот на годината, влијанието на Ковид-19 врз планираниот меѓународен воздушен патнички сообраќај може да достигне намалување и до 63 проценти од капацитетот на седиштата во авионите, што би значело 1,5 милијарди патници помалку на глобално ниво. Авиокомпаниите за годинава се соочуваат со потенцијална загуба на вкупните приходи во вредност од околу 314 милијарди американски долари, а аеродромите од околу 100 милијарди.

– Во однос на бројот на летовите на авионите на глобално ниво, врз основа на повеќегодишниот тренд на континуиран пораст, за 2020 година беа прогнозирани 40,3 милиони летови, односно 1,4 милиони летови повеќе од реализираните 38,9 милиони во 2019 год. Но, светската здравствена криза предизвика драстично намалување и на овој број, така што најновите проценки говорат дека вкупниот број на летови во светот оваа година ќе биде околу 23,1 милиони, што значи околу 40 проценти помалку во однос на 2019 година. Практично, тоа значи дека бројот на летовите годинава ќе падне на нивото од 2003 година. И не само тоа, значајно намалување се очекува и во 2021 година со реализација на само 30,1 милиони летови, што ќе значи идентична реализација на бојот на летовите на глобално ниво со тој од пред 10 години, забалежува директорот на АЦВ.

Што се однесува до европското небо, Европската организација за безбедност и поддршка на развојот на воздушниот сообраќај ЕУРОКОНТРОЛ проценува дека целосно закрепнување на воздушниот сообраќај може да се очекува дури кон средината на 2022 година. Од средината на март 2020 годинава бројот на летовите на европското небо почна секојдневно драматично да опаѓа, така што некои денови тој пад изнесуваше и повеќе од 10 проценти во однос на еквивалентните денови во 2019 година. Од почетокот на април, па во наредните 2,5 месеци, бројот на летовите се задржа на ниво од само 10 проценти во споредба со истиот период минатата година. Тоа практично значеше целосно замирање на летовите во меѓународниот и домашниот патнички промет и константно одржување на вообичаеното ниво само на карго летовите.

– Дури во втората половина на јуни, со повторното отворање на некои од аеродромите, собраќајот почна да расте, така што на почетокот на јули бројот на летовите во Европа од 10 проценти се искачи на околу 40 проценти во однос на истиот период минатата година. Проценките на ЕУРОКОНТРОЛ велат дека овој процент до крајот на август би требало да достигне 55 проценти, а во последните три месеци од 2020 година да изнесува 80 проценти – 85 проценти во однос на ланскиот сообраќај. Ако се спореди остварениот сообраќај, на пример, во среда на 17 јуни годинава со еквивалентниот оперативен ден во минатата година ќе се забележи пад на бројот на летовите на Рајанер од 98,3 проценти, на Изиџет од 96,1 процент, на Бритиш и шпанскиот Ибериа од 94,2 проценти, на Луфтханза од 87,8 проценти, Визер од 81 процент, итн. Вкупното намалување на бројот на прелети тој ден на европското небо изнесуваше 78 проценти, стои во освртот.

Европските воздушни превозници во 2018 година оствариле вкупен профит од 8 милијарди евра, а во 2019 година од 5,7 милијарди евра. Годинава поради влијанието на светската здравствена криза со вирусот Ковид-19, Меѓународната асоцијација на воздушни превозници ИАТА проценува дека европските авиокомпании ќе забележат вкупна финансиска загуба од 18,8 милијарди евра. -Тоа го доведува во прашање опстојувањето на илјадници работни места во европската авиоиндустрија. Конкретно, најголемите европски авиопревозници веќе најавија укинување на голем број работни места, односно отпуштање на илјадници вработени: Визер околу илјада, Рајанер 3 илјади, Изиџет 4,5 илјади, а Луфтханза и Бритиш по 10 илјади луѓе. Голем број од европските превозници, посебно оние помалите, се соочуваат со реална опасност од банкрот, посочува директорт на АЦВ.

Што се однесува до аеродромите, тој го наведува примерот дека на 17 јуни годинава аеродромот Шарл де Гол во Париз и франкфуртскиот аеродром забележале пад во дневниот број на полетувања и слетувања од 96 проценти во однос на истиот ден минатата година, а ваквото драстично намалување го следеа и Амстердам, Истанбул, лондонски Хитроу, Атина и Осло со 97 проценти, Минхен, Келн и Лајпциг со 98 проценти. Во периодот од средината на март до средината на јуни годинава на европските аеродроми единствено се реализираа хуманитарни, воени, државни, медицински и технички летови, како и одреден број летови за репатријација на домашни државјани од странски држави. И намалувањето на бројот на полетувањата и слетувањата на скопскиот аеродром во април, мај и јуни изнесуваше просечно околу 98 проценти, а охридскиот аеродром во тој период беше целосно затворен за секаков вид на воздушен сообраќај. Само во мај европските аеродроми имаа 213 милиони патници помалку во споредба со мај 2019 год., што значи намалување од 98 проценти. Меѓународниот совет на аеродроми во Европа (АЦИ Јуроп) проценува дека бројот на пристигнати и заминати патници на европските аеродроми во 2020 год. ќе биде помал за 1,2 милијарди патници, што ќе значи намалување на годишните финансиски приходи од 23 милијарди евра.

Тунтев воедно упатува на Протоколот за управување со здравствената криза од Ковид-19 во воздушниот сообраќај, што беше објавен на крајот на минатиот месец, по тромесечната интензивна соработка помеѓу релевантните воздухопловни институции на државите членки на Европската конференција за цивилно воздухопловство ЕСАС, односно на ЕУРОКОНТРОЛ и на Европскиот регион од ИЦАО ЕУР/НАТ, Европската агенција за безбедност во воздушниот сообраќај ЕАСА, во соработка со Европскиот центар за контрола на заразни болести ЕЦДЦ, Тој документ, потнцира, ја отсликува новата реалност и новата нормалност во авиоиндустријата во услови на пандемија со Ковид-19. Создадена е заедничка оперативна рамка на делување во услови на глобална здравствена криза, во која воздухопловните субјекти во државите на европскиот континент почнаа да ги следат и имплементираат новите универзални меѓународни стандарди и препораки од областа на безбедноста на воздушниот сообраќај.

– Само со доследна примена на ваквите стандарди и препораки од страна на сите инволвирани субјекти може да се очекува успешно спречување на ширењето на вирусот Ковид-19 во авиоиндустријата и ефикасно справување со последиците од глобалната здравствена криза во областа на воздухопловството, оценува во освртот директорот на АЦВ.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2020 22:45