Фирми од Скопје, Тетово, Гостивар, Струга…, ја зеле финансиската поддршка од државата за исплата на плата на вработените, но не ја исплатиле на работниците, покажа анализата на Управата за јавни приходи(УЈП), институција преку која се спроведуваше оваа мерка за поддршка од последиците од корона-кризата, а со цел да се задржат работните места.

Како што соопшти директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска денеска на прес-конференција станува збор за 281 работодавач во април кои примиле поддршка во износ од 9 милиони 995 илјади 565 денари, а не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработен и во мај 427 компании воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка во износ од 13,698,998 денари.

Како што истакна од направената анализа е утврдено дека 120 даночни обврзници кои добиле финансиска поддршка не исплатиле плата за своите вработени и за месец април и за месец мај, а осум даночни обврзници исплатиле помалку плата за двата месеца.

Во април од оние што не исплатиле плати на работниците се од дејноста трговија 62 фирми, од дејноста подготовка на оброци и служење храна 43 фирми, од градежниот сектор 17 фирми. Меѓу фирмите кои не исплатиле плата на вработените во април, а добиле финансиска поддршка имало и од дејноста производство на облека, трговци на мал и големо, емитување програма, објекти за сместување и слично.

Најголем дел од фирмите се од Скопје – 84, потоа Тетово 38, Гостивар 23, Струга 20 и Куманово 16.

Лукаревска потенцира дека 76 даночни обврзници, за дел од своите вработени побарале финансиска поддршка преку конечна пресметка, а за дел со исправка и за 1.121 вработен примиле финансиска поддршка во износ од 15.111.700 денари, но не извршиле исплата на износот на плата по поднесените исправки во вкупен износ од 172.790 денари. Овие компании се од дејностите градежништво, производство на мебел, транспорт, објекти за сместување, производство и сл., а најголем дел се 27 до Тетово, 11 Гостивар и пет од Скопје.

-За месец април, како што рече Лукаревска, 1.930 работодавачи, за 26.875 лица за кои примиле финансиска поддршка имаат извршено задржување на средства од плата во вкупен износ од 49.340.606. денари .

Податоците за овие компании ќе се достават до Министерството за труд и социјална политика за да може да се утврди дали задржаните средства се основани или не.

Преку оваа мерка за април 2020 на 19.780 работодавачи е исплатено вкупно 1 милијарда 793 милиони 207илјади 630 денари, за вкупно 128 илјади 315 вработени.

Финансиска поддршка за мај добиле 19.938 работодавачи во вкупен износ од 1 милијарда 666 милиони 373 илјади 597 денари, за вкупно 119.182 вработени.

Во мај од оние 427 компании кои не исплатиле плата за 984 вработени се од дејноста трговија на мало 84 фирми , 66 фирми се од дејноста подготовка на оброци и служење на храна, 35 фирми се од транспорт, осум фирми нискоградба, а меѓу овие се и фирми од градежниот сектор, производство, трговија на големо и мало, емитување програма и слично.

Според анализата, фирмите што не исплатиле плата во мај се 110 од Скопје, 61 во Тетово, 34 Гостивар, 28 Струга, 21 во Куманово, 15 Битола и 10 во Струмица.

И во мај, како што рече директорката на УЈП, 34 даночни обврзници кои за дел од своите вработени побарале финансиска поддршка преку конечна пресметка, а за дел со исправка, примиле износ на финансиска поддршка од 13.218.438 денари за 913 вработени, не извршиле плаќање на износ од 102.593 денари од поднесените исправки. Станува збор за фирми градежништво, образование, подготовка на оброци и служење на храна, транспорт, објекти за сместување, производство и сл.лоцирани пет во Скопје, три во Тетово и по една во другите градови.

-За месец мај 1816 работодавачи, за 25 590 лица за кои примиле финансиска поддршка, имаат извршено задржување на средства од плата во вкупен износ од 40.069.247 денари. Податоците за овие компании, како и за месец април, ќе се достават до Министерството за труд и социјална политика за да може да се утврди дали задржаните средства од плата се основани или не, посочи директорката.

Таа додаде дека на работодавачите кои користеле финансиска поддршка, а не извршиле исплата на плата доставени им се опомени за неисплатена плата и доколку не извршат исплата во определениот рок, ќе следи спроведување на постапка на присилна наплата на платата. Дополнително, додаде, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во ваков случај предвидува изрекување на глоба за сторен прекршок, а работодавачот ќе биде задолжен да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата, во спроведена постапка на УЈП во соработка со Државниот инспекторат за труд.

-Управата за јавни приходи, располага со детални податоци за искористеноста на финансиската поддршка и будно ја следи состојбата на искористеност на мерките, но и почитување на обврските од законот. Податоците за компаниите кои примиле финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на платата ќе бидат доставени до Генералниот секретаријат на Владата како носител на мерката и исплатувач на финансиската поддршка, од каде истите ќе може да бидат и јавно објавени, рече Лукаревска.

Апелираше до сите работодавачи да ги користат правата од Уредбата за финансиска поддршка, но и да ги почитуваат обврските утврдени во оваа уредба, Законот за придонеси од задолжително осигурување и Законот за работни односи.

-Апелирам до сите работодавачи што не ја испочитувале оваа законска одредба да го направат тоа кон своите вработени, бидејќи целта беше да се зачуваат работните места, а не парите да ги земат работодавачите. Да го направат тоа пред да бидат јавно објавени, истакна Лукаревска.

Таа појасни дека рокот за исплата е поминат, но сепак ова законско право треба да го остварат работниците.

Управата за јавни приходи дополнително ќе соопшти податоци од анализата за спроведување на мерката за месец јуни.

Во јуни 2020 финансиска поддршка е дадена на 17905 компании во износ од 1 милијарда 404 милиони 470 илјади и 647 денари, за вкупно 101 илјади 148 вработени.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/07/2020 14:00