Втор јавен настан од серијата „Дигитални предизвици за општествена трансформација“ ќе се одржи денеска на влезот на Жена парк спроти Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).
Целта на овој настан, како што информираат од ФИТР, е истакнување на брзорастечката улога која процесот на дигитализација ја има во сите сфери на општеството, вклучувајќи го јавниот сектор, бизнис заедницата, локалното учество во креирањето на политики, граѓанскиот сектор, меѓународните односи и слично.
Истовремено, ќе се разговара за важноста од дигитализацијата, како и степенот на воведување на иновации преку дигитализација од страна на македонските компании, особено во период во кој се соочуваме со пандемија предизвикана од коронавирусот.
Посебен акцент ќе биде ставен и на важноста од отворање и транспарентност на јавните институции преку дигитализација. Со цел подобрување на дигиталната транспарентност на локално ниво, ќе биде најавено и отворање на дигитален хакатон, чие решение ќе овозможи повисоко ниво на партиципативност и инклузивност на граѓаните во процесите на одлучување на локално ниво, како и подобрувањето на јавните услуги и враќање на довербата на граѓаните кон јавните институции.
На овој јавен настан, кој ќе има за цел отворање на поширока и инклузивна дебата за можностите и дигиталните предизвици со цел одржлива општествена трансформација од интерес на секој граѓанин, ќе се обратат директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, проектната менаџерка во Макаларм, Даниела Смилковска и специјалистот за односи со јавност и нови медиуми и координатор на Програмата за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП, Бојан Кордалов.
Вториот јавен настан од серијалот „Дигитални предизвици за општествена трансформација“ е во организација на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП), а во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој.