Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривични дела „тешки дела против општата сигурност“ и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, а надлежен јавен обвинител му изрече забрана за напуштање на живеалиштето.

Осомничениот, како што информира ОЈО, на 23 јули, на булеварот „Никола Карев“ попознат како „Пластичарска улица“ неовластено држел огнено оружје – пиштол и со општо опасно дејствие или средство предизвикал значителна опасност за животот и телото на еден оштетен.

-Со автомобил, осомничениот и неговиот брат пристигнале на местото на настанот, пред влезот на една продавница за да го бараат долгот од 10.000 евра. Кога во продавницата биле присутни должникот, неговиот брат и неговиот татко, настанала вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент, осомничениот извадил пиштол марка Beretta со калибар 9 мм и испукал истрел. Притоа го погодил оштетениот – татко на должникот во пределот на ногата и му нанел тешка телесна повреда. Осомничениот и неговиот брат избегале од местото на настанот, соопшти ОЈО.

Со цел непречено водење на постапката и обезбедување присуство на осомниченото лице, се вели во соопштението, надлежниот јавен обвинител предложи да бидат определени мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска осомничениот да се јавува повремено кај определено службено лице или кај надлежен орган, привремено одземање патна или исправа за преминување на државна граница односно забрана за нејзино издавање, како и забрана за приближување или воспоставување односно одржување контакти и врски со оштетениот и со неговите синови.​



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2020 02:13