Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе обвинение против 33-годишен скопјенец за кривично дело предизвикување општа опасност поради тоа што од двор позади зграда пукал од пиштол во стан на негови соседи. Истовремено Обвинителството побарало и продолжување на притворот, кој веќе претходно му бил определен.

-Обвинетиот, на 24 јуни, со оп­што­о­пас­но дејс­твие предизвикал зна­чи­тел­на опас­ност за жи­во­тот и те­ло­то на тројца оштетени. Додека оштетените седеле во стан на улица „Никола Грчето“ во Чаир, обвинетиот 33-годишник, инаку нивен сосед, дошол на вратата, започнал да тропа, обидувајќи се насилно да влезе. Во обидот не успеал, бидејќи вратата била заклучена, па започнал да им се заканува. Потоа тој се симнал во дворот позади зградата и од таму започнал да пука кон прозорците и фасадата на станот на оштетените. Од пиштол од непозната марка испукал осум куршуми со калибар 6,35 мм. За да не бидат повредени, оштетените се скриле во спалната соба и настанот го пријавиле во полиција, соопштија од Обвинителството.

Ценејќи дека и натаму постојат законските основи поради кои на обвинетиот првично му била определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за продолжување на притворот за ова лице.​



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2020 14:37