Основното јавно обвинителство од Струмица поднесе обвинение против едно лице од село Добрејци поради основано сомневање дека во октомври 2018 година на подмолен начин и од материјални побуди го убил лицето Александар Мицев од Струмица испукувајќи два куршума од огнено оружје во неговата глава. Обвинителството потсетува дека на 6 февруари годинава истото лице е осудено на 20 години затвор заради убиство што на речиси идентичен начин го извршил над лицето Ристо Иљашев.

– Во текот на истрагата, обвинителството прибра доволно докази кои ја потврдуваат основаноста на сомневањето дека обвинетиот, на речиси идентичен начин како и во случајот со претходната жртва Ристо Иљашев, го извршил кривичното дело и кон втората жртва – Александар Мицев од Струмица. Тој го лишил од живот оштетениот на подмолен начин и од материјални побуди. На 09.10.2018 година, во адвокатска канцеларија во Струмица, обвинетиот и неговата жртва склучиле Договор за купопродажба на недвижен имот – деловна просторија. Притоа, оштетениот се јавува како продавач, а обвинетиот како купувач. По ова, тие заминале во село Добрејци, во работилницата на обвинетиот за наводна исплата на парите во готовина. Искористувајќи ја приликата кога останале сами и довербата што оштетениот ја имал кон него, обвинетиот испукал два куршума од огнено оружје со калибар 22 (5,6 мм) во пределот на главата на жртвата, информираат од Обвинителството.

Од здобиените повреди кај оштетениот дошло до пореметување и прекин на работата на важни мозочни центри и настапила смрт.

Според доказите што ги прибрало Обвинителството, обвинетиот го ставил телото на убиениот во метален резервоар за гориво, кој го обвиткал со полиетиленска фолија. Потоа со возило го однел на браната „Турија“ и го фрлил во езерото.​



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2020 15:44