Монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски движења, оценува Народната банка. Нејзините очекувања се дека мерките што како централна банка ги презема во првата половина на годината ќе овозможат натамошна соодветна поддршка на македонската економија во справувањето со предизвиците од корона-кризата.

Последните макроекономски показатели од домашната економија со нивната проектирана динамика во рамки на априлските проекции упатуваат на одредени отстапувања во поглед на интензитетот и структурата на економскиот раст заради ефектите од појавата на ковид-19.

Во вториот квартал, годишната стапка на инфлација изнесуваше 0,5 проценти во просек, а од Народната банка сметаат дека инфлацијата ќе остане во прифатливи рамки.

Девизните резерви кај кои беше забележан раст во првата половина на годината, се во сигурната зона, во која, според Народната банка, и би останале.

Остварен е забрзан раст на кредитната активност и на депозитната база над очекувањата според априлската проекција. На годишна основа, на крајот на вториот квартал, растот на кредитирањето достигнал 6,6 проценти, а вкупните депозити 8,4 проценти.

Централната банка истакнува дека ризици и понатаму постојат и најавува дека и во следниот период ќе продолжи да ги следи трендовите и потенцијалните ризици во домашното и надворешното опкружување со цел соодветна поставеност на монетарната политика.

Што се однесува до банкарскиот сектор оценката е дека тој се одликува со соодветни нивоа на ликвидност што им овозможува на банките да им излезат во пресрет на своите клиенти.

Советот на Народната банка на последната седница ја донел и Одлуката за начинот на утврдување поврзани лица и за лимитите на изложеноста што во работењето на банките ќе почне да се применува од почетокот на следната година.

– Со оваа одлука се врши натамошно усогласување на домашната регулатива со одредбите од регулативата на Европската Унија и со насоките издадени од Европскиот банкарски орган, во однос на начинот на утврдување и следење на поврзаните лица, утврдувањето изложеност кон лице и голема изложеност и начинот на утврдување и следење на лимитите на изложеноста, велат од Народната банка.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2020 21:44