Неформирањето на влада и свесното одолговлекување на нејзиното формирање влијае на целата ситуација во која се наоѓаме со коронакризата, пред се од здравствен, а потоа и од економски аспект. Секое економско продлабочување на кризата води кон социјална криза и губење голем број работни места или значително намалување на и така нискиот приход кој вработените го имаат, соопштија од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС).
Големи социјални последици, како што велат од КСС, ќе претрпат и работниците кои се дел од неформалната, сивата економија, сезонски работници, долгорочно невработените особено оние работници кои се пријавени на минимална плата која не сооодветствува со степенот и сложеноста на работата, а остатокот од платата го добиваат на рака. Ваквите работници, наведуваат, или воопшто не го добиваат овој дел или во намален износ.
– Македонија со своето управување од страна на тековната Влада, покажа дека во време на криза не знае да ги употребува средствата за стабилно управување со сложени ситуации, како што е социјалниот дијалог. Синдикатите не беа или делумно беа консултирани за прашања кои се однесуваат за ускратување на права од работен однос како што беше обидот за кратење на платите, надоместоците на плата, правото на користење на годишен одмор и сл., па понатаму тие уредби паѓаа на Уставниот суд, велат од КСС и додаваат дека заради надминување на социјалната криза мора да постои социјален дијалог со кој ќе се направи превентива за спречување на вакви кризи.
Оттаму посочуваат дека за сите прашања, тие како национален синдикат имаат за цел да ги заштитуваат правата на работниците и, како што посочуваат, стојат на располагање да ги консултираат и на тој начин позитивно да влијаат кон пошироката јавност со цел да се одбегне социјалната криза која во нашата држава е веќе присутна.
– Во овој момент мораме да ја споменеме и злоупотребата на Уредбата за финансиска помош на компаниите кои примиле помош од државата, а не ги исплатиле платите. Оваа злоупотреба најостро ја осудуваме и сметаме дека Владата и релевантните државни институции не требало да дозволат да се злоупотреби уредбата, а за компаниите соодветно да се санкционираат, а работниците во најкус можен рок да се обесштетат. Покрај оваа злоупотреба, до нашата правна служба имаме пријавено и случаи каде се прекршува правото на користење на годишен одмор каде работодавачите најчесто ги одобруваат барањата, а потоа за време на годишниот одмор се повикуваат вработените на работното место, нагласија од КСС.
Сметаат дека целата јавност во нашата држава правилно и недвосмислено ќе ги разбере нивните увиди, препораки и факти кои, како што наведуваат, се со цел избегнување на социјалната криза и подобрување на економијата во нашата држава.