Богатиот повеќе од 30 годишен опус на познатиот сатиричар Миле Ѓорѓијоски збогатен за уште еден наслов „Некоректен мртовец“ е комедија која деновиве излезе од печат и е меѓу ретките изданија на книги со комедии во македонското творештво.

Книгата „Некоректен мртовец“ како што истакна самиот автор е комедија во 16 слики.

Се работи за специфично издание на книга со комедии, која е една од ретките досега издадена од наши автори. Книгата има две изданија. За едното издание илустрациите и кориците се на Дарко Богданов, стрип цртач и илустратор, а за другото издание на Танас Дедов, ликовен уметник, рече Ѓорѓијоски.

Концептуалниот уметник, поет и граѓански активист Митко Гогов, кој е рецензент на книгата додаде дека „Некоректен мртовец“ е книга во чии сцени секој може да пронајде дел од својот карактер.

Истовремено „Некоректен мртовец“ е пиеса која преку сатирата ни нуди можност да погледнеме низ прозорецот во домот на едни страдалници, да се пронајдеме во нивната мака, да се насмееме на нивната горчлива судбина, да осознаеме дека „се што лета не се јаде“, рече Гогов.

За неполни два месеци ова е втора книга на Ѓорѓијоски во 2020 година. Пред еден месец ја издаде и книгата „Сатирични мистерии“, која претходно беше објавена и како прва книга од областа на сатирата напишана од македонски автор на бугарски јазик.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/08/2020 12:42