Во јули е забележан првиот месечен раст на приходите во Буџетот од почетокот на КОВИД кризата, соопшти денеска Министерството за финансии, посочувајќи дека ова укажува оти ревитализацијата на економијата се одвива со добра динамика.

– Вкупната наплата на приходи во јули изнесува 17,9 милијарди денари. Даночните приходи се наплатени во износ од 10,2 милијарди денари, или 1,7 проценти помалку од лани. Данокот на додадена вредност за првпат од почетокот на кризата забележува раст во однос на минатата година од 1,2 проценти, што следи по падот во јуни од 7,5 проценти, и високиот пад во мај и април од -33 и -43,5 проценти респективно. Се забележува и висок раст на увозните давачки од 18,3 проценти, понатаму раст на персоналниот данок од 0,4 проценти, додека помала наплата има кај акцизите и данокот на добивка. Придонесите забележуваат раст од 11,9 приценти во однос на истиот месец лани, со што продолжува добриот тренд на наплата на продонесите од јуни, кога беше забележана иста стапка на раст од 12,3 проценти. Растот на придонесите во време на криза во голема мера може да се препише на мерките кои ги презема Владата односно поддршката од 14.500 ден по вработен заради исплата на платите за април, мај и јуни, велат од Министерството за финансии.

Придонесите бележат раст од 8,6 проенти во однос на истиот период лани, а заклучно со првото полугодие раст од 8 проценти. Расходната страна заклучно јули бележи раст од 11,6 проценти на годишно ниво. Дефицитот заклучно со јули е реализиран 4,76 проценти од БДП и е согласно планираната динамика со Ребалансот.

– И покрај предизвиците со кои се соочува македонската економија, во услови на справување со КОВИД, извршувањето на буџетот се одвива по план. По реализацијата на вкупните приходи во јуни кои изнесуваа -9,6 отсто споредено со лани кога рестриктивните мерки почнаа да се олабавуваат и економската активност да заживува, позитивната реализација во јули со раст од 1,4 проценти говори дека заживувањето се одвива со добра динамика. Целта на Министерството за финансии е да обезбеди континуирано извршување на Буџетот, без застој, во законски утврдените рокови, односно вработените да земат плата, социјално загрозените да ги добијат навремено своите надоместоци, фирмите редовно да ги наплаќаат своите побарувања кон буџетските коирсници, да нема заостанати обврски, како и навремен поврат на данок. Тука се и мерките за КОВИД, поддршка која државата ја дава на граѓаните и фирмите, во согласност со можностите, преку домашната платежна картичка, преку субвенционраните плати и придонеси, преку одложувањата на плаќањата на даночните обврски, вели министерката за финансии Нина Ангеловска.

Уверува дека финансирањето на буџетот е обезбедено и во случај на евентуален втор бран на пандемијата.

Очекувањата се дека во третиот и четвриот квартал од годината постепеното опоравување на домашната економија и заживување на економската активност ќе продолжи со засилено темпо.

Од почетокот на КОВИД кризата, со цел поголема транспаретност, Министерството за финансии порано го објавува месечното извршување на буџетот, односно наместо на крајот на месецот, известува на почетокот на месецот.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/08/2020 14:46