Заклучокот на Комисијата за заразни болести МТСП и општините да изнајдат решение за просторните капацитети на градинките за тие да може да профункционираат влијаеше гевгелиските градинки да продолжат со реновирање кое почна во јуни, како и дезинфекција на просториите и приспособување на условите кон протоколот за работа и престој на децата.

–Централната градинка „Детска радост“ во Гевгелија е целосно реновирана и подготвена за работа. Во тек е реновирање на градинката „Цветови“, а потоа и на објектот „Сончогледи“, со цел да го зголемиме нивото на комфорот на децата додека престојуваат во градинките, рече директорката Елизабета Стефановска.

Посочи дека претходно, во сите шест објекти на градинката на територијата на општина Гевгелија, биле изведени и други работи за надворешна санација, реконструкција и нивно доопремување.

Согласно протоколот за работа, градинките во општина Гевгелија располагаат со просторни капацитети за згрижување на 410 деца, на возраст од осум месеци до шест години, чии родители се вработени и не може да отсуствуваат од работа.

Од градинката во Гевгелија нагласија дека протоколот налага и прегрупирање на децата поради што во групите до 6 и 15 деца ќе има мали отстапувања во однос на возраста на децата.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/08/2020 15:30