Уметникот и хуманист со македонско потекло Мајкл Клос денеска подари дваесеттина свои уметнички дела за Општата болница во Охрид, како признание за активностите што здравствените институции и работници ги спроведуваат во справувањето со епидемијата на коронавирусот.

Клос живее и твори во Канада, околностите диктираа тој да не може лично да го предаде подарокот така што во негово име тоа го стори Злата Змејкоска Гашпаревиќ, медицинска сестра во пензија од охридската болница.

– Големиот светски уметник, а охридски зет Мајкл Клос, преку подарокот за министерот за здравство Венко Филипче, подари свои дела за македонското здравство. Едно платно подари за болницата, како и слики за сите сестри од Инфективното одделение за охридската болница. Тоа го доживуваме како прекуокеанска подадена рака од еден хуманист кој често донира, изјави Веле Митаноски од Здружението за култура и уметност „Мацково“ од Охрид преку кое беше спроведена добротворната акција.

Во име на медицинските сестри од Општата болница во Охрид благодарност до Клос изрази главнта сестра на Инфективното одделение Анета Волканоска.

– Медицинските сестри застанаа во првите борбени линии во борбата против епидемијата. Не штедејќи се себеси, со пожртвуваност, грижливост овие месеци неуморно работеа, без слободни денови. Ова е особена сатисфакција оттаму што доаѓа како признание на нивниот труд, особено во оваа 2020 година кога се одбележува 200-годишнината од раѓањето на Флоренс Најтингејл, основоположничката на сестринството во светот, рече Волканоска.

Едно платно уметникот Клос подари на директорот на Општата болница во Охрид Горан Балевски, кој платното го предаде на Оделението за невропсихијатрија, што е регионален центар за лекување пациенти со такви заболувања.

– Горд сум како директор на овие луѓе кои шест месеци се борат со пандемијата. Успеваме да се справиме со ситуацијата, благодарение на сите вработени. Сестрите од установата навистина пожртвувано се ставија себеси во заштита на пациентите. Овој подарок е благодарност и признание за нивните активности, рече Балевски.

Мајкл Клос е плоден уметник со над 300 самостојни изложби во над 50 земји. Има излагано во Руската Федерација, Казахстан, Кина, во престижните музеи во Њујорк, во Галеријата на македонската мисија на Обеднитетите нации (ОН), во Рим, Ватикан, неколкупати во Македонија.

Клос е роден 1954 година во Торонто. Своите уметнички дела честопати ги подарува како поддршка на активностите на добротворни организации.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/08/2020 14:56