Во рамки на „Велешкото културно лето 2020“, што го организира Општина Велес, беше промовирана стихозбирката на младиот прилепски поет Филип Димкоски „Во градината има само љубов“. Настанот беше организирана во соработка со велешкиот Клуб на писатели „Коста Солев Рацин“, а ја промовираше претседателката на клубот Лила Арсова. Членовите на Клубот читаа поезија од оваа стихозбирка и настанот беше збогатен со афоризми од Атанас Крлевски.

Лила Арсова на промоцијата истакна дека самиот наслов на книгата „Во градината има само љубов“ асоцира на градини кои само можеме да ги замислиме и создадеме само со љубов како што самиот автор ги создавал стиховите во песните.

– Стохозбирката „Во градината има само љубов“ претставува пејсажна лирика во која авторот ја воспева природата, преку нејзиниот опис ги искажува своите чувства и расположение. Поетскиот јазик и поетската мисла на авторот се напојуваат од природата. Природата дарува љубов, живот, убавина и задоволство на душата но истата бара и внимание. Секој дел од природата е наше богатство, потенцира Арсова.

Таа посочи дека поетот Филип Димкоски покренува универзални вредности за вечни вредности: љубов, душа и природа на особено возбудлив начин.

– Поезијата станува свечен мост меѓу вечните, со корени во Библијата и модерното, што може да се види, почувствува и допре во градината на секој дом и душа, рече Арсова.

Младиот 25-годишен автор Филип Димкоски за МИА истакна дека сите во нашето живеење имаме една градина и ние сме градинарите во овој живот и сите ние сме градинари во Божјите градини.

– Е што ќе насадиме во таа градина и што ќе наводнуваме зависи од нас. Некогаш животот ни носи и трње во градината, но ние треба да знаеме дали треба да ги исплевиме или да ги наводнуваме, рече Димкоски.

Појаснува дека оваа стихозбирка му е блиска со она за што завршил студии, а тоа е Факултетот за земјоделски науки и храна, дипломирал градинарство и цвеќерство, а работи како соработник во списанието „Колибри“ и во други рубрики на весникот „Нова Македонија“.

Тој првата стихозбирка „Најхранливи зборови од детска душа дарови“ ја објавил во 2010 кога имал само 15 години. Потоа следувала „Божилак на исконот“ и книгата за деца „Заедно да растеме“. Истакна дека подготвува нови книги и раскази за деца и поезија за возрасни, како и интересна книга која е поврзана со словенските народи и се надева дека преку оваа книга ќе ги обедини, а планира дека наскоро ќе ја објави.

Оваа негова стохозбирка лани ја има преведено на бугарски, а годинава е подготвено српското издание, но поради ситуацијата со пандемија на коронавирусот, не знае кога тоа ќе се реализира.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/08/2020 16:21