Стихозбирката „Големата прегратка“ на Павлина Атанасова вечер, во 20 часот, ќе биде промовирана на платото пред Младинскиот културен центар (МКЦ). Ова е прва стихозбирка на Атанасова, а издавач е ПНВ публикации.

Промотор на книгата ќе биде Снежана Стојчевска, а модератор Јулијана Величковска.

-В раце ја држиме дебитанската книга „Големата прегратка“ од Павлина Атанасова и веднаш да кажеме дека имаме книга песни со силни чувства и непосреден поетски израз што импонира. Возбудливо, страсно и вдахновено пеење за љубовта и други емоции кои се доживуваат како глас на секојдневното и пеејќи за стварноста се открива внатрешната драма на модерниот човек. Книгата претставува своевидна поетска хроника на растреперена поетска душа која се стреми да влезе во актуелните кругови на најновата македонска литература, напиша поетот Славе Ѓорѓо Димоски.

Павлина Атанасова е родена во 1993 година во Штип. Дипломирала на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Пишува поезија и кратки раскази. Застапена е во изборот поезија „Метрички карван“ за 2019 г., издание на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија. Нејзини песни и раскази се објавени и во неколку периодични списанија.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/08/2020 11:53