Од Министерството за труд и социјална политика соопштија дека клиентите на „Еуростандард банка“, кои имаат парични права од социјална и детска заштита и згрижувачките семејства, доколку имаат трансакциска сметка во друга банка да се обратат во таа банка или да отворат нова трасакциска сметка со цел да ги добијат средствата.

– Корисниците на парични права од социјална и детска заштита и згрижувачките семејства кои биле клиенти на „Еуростандард банка“ АД Скопје и средствата ги добивале на картичка, ги подигнувале на шалтерите на Банката, или ги добивале во својот дом, како и оние што ги подигнувале на шалтерите на „АД Пошта на Македонија“, заради продолжување на навремена и редовна исплата потребно е доколку покрај трансакциската сметка во „Еуростандард банка“ АД Скопје корисникот има трансакциска сметка и во друга банка (освен „Охриска банка АД Скопје“), да се обратат во таа банка заради поврзување на трансакциската сметка со социјалниот број, за да продолжи исплата на правото преку таа банка, наведоа од МТСП.

Од Министерството истакнаа дека доколку корисникот нема отворено трансакциска сметка во друга банка, потребно е да отвори нова трансакциска сметка во некоја од банките во земјата (освен „Охридска банка АД Скопје“) заради поврзување на трансакциската сметка со социјалниот број, за да продолжи исплата на правото преку таа банка.

– Корисниците на парични права од социјална и детска заштита и згрижувачите, при поврзување на постоечката трансакциска сметка, односно отварање на нова трансакциска сметка, задолжително треба да го известат вработеното лице во банката дека преку трансакциската сметка сакаат понатаму да им се врши исплатата на правото, посочија од МТСП.

Нагласија дека корисниците на парични права од социјална и детска заштита и згрижувачите, поврзувањето на постоечката трансакциска сметка, односно отварање на нова трансакциска сметка треба да го направат најдоцна до 25 август 2020 година, заради навремена исплата во месец септември 2020 година.

Од МТСП наведоа дека корисниците на парични права од социјална и детска заштита и згрижувачките семејства нема потреба да одат во центрите за социјална работа за да земаат социјален број.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/08/2020 03:04