Сите надлежни институции да вложат максимални напори за обесштетување на депонентите, рече претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска која го информираше за затворањето на „Еуростандард банка“ АД.
Гувернерката го информираше Пендаровски и за активностите кои координирано и интензивно се преземаат за обесштетувањето на депонентите да почне во законските рокови, но и порано од тоа.
-Пендаровски и Ангеловска-Бежоска истакнаа дека е важно да се вложи максимум за поскоро отпочнување на исплатата на обесштетувањето на граѓаните од страна на Фондот за осигурување на депозити, и пред законски предвидениот рок од 20 дена, стои во соопштението од Кабинетот на Претседателот.
Пендаровски на средбата изрази очекување дека банкарскиот систем и понатаму ќе биде стабилен. Напомена и дека е особено важно Народната банка и натаму да продолжи со успешно остварување на своите законски цели и задачи, давајќи клучен влог за успешна монетарна политика, за финансиската и макроекономската стабилност на земјава.