Во Институтот за белодробни заболувања кај децата, Козле доставена е донација од најголемиот производител на леб и брашно во земјава, Жито Лукс. Донацијата се состои од леб, брашно и колачи соодветно на потребите на здравствената установа.
Компанијата во повеќе наврати има реализирано донации за Институтот, од медицински апарати, инвентар за опремување и подобрување на болничките услови како и производи.
Директорот на Институтот Ангелчо Андоновски упати благодарност и верување дека донацијата покрај значајна поддршка за установата ќе помогне и за зголемување на свесноста и одговорноста на бизнис секторот кон сите јавни здравствени установи.
– Жито Лукс е компанијата во која што гледаме свој долгогодишен пријател и партнер што искрено се грижи, помага и ја дава својата безрезервна поддршка во нашите напори да понудиме најдобра здравствена нега. Тоа што повеќе пати донирале во нашата установа зборува за нивната способност да препознаат каде помошта е најпотребна и за посветеноста на оваа компанија кон подобрување на условите во јавните здравствени установи, за пациентите и за вработените, изјавил директорот на Институтот Андоновски.
Од Жито Лукс посочуваат дека покрај секојдневното снабдување на граѓаните со висококвалитетни производи, приоритет останува да биде грижата за заедницата со посебен фокус на здравствениот сектор и оваа година.
– Поддршката за здравствениот сектор, посебно во моменталната ситуација е од клучна важност и нешто каде што бизнис секторот може многу да помогне. Сакаме да веруваме дека и со оваа донација како и со секоја претходно даваме позитивен придонес, изјавија од Жито Лукс.