Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Дарко Димовски и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимоски денеска имаа средба на која се дискутирало за последиците кои ќе произлезат од покачувањето на цената на електричната енергија врз најранливата категорија на населението, работниците кои земаат минимална плата, пензионерите и останатите ранливи категории, кои директно ќе го осетат ова зголемување на цената на струјата.

Димовски и Бислимоски, како што се наведува во соопштението од ССМ, разговараале за потребата дополнително да се воведе и привремена мерка која ќе значи проширување на опфатот на лицата кои ќе влезат во групата за субвенционирање на сметки, со вклучување на граѓани кои се директно економски погодени од здравствената криза, на пример, оние граѓани кои останале без примања, без работа, им се намалени платите и други.

Како што се посочува, двајцата апелирале компаниите да излезат со нови пресметки за цената на електричната енергија, а Регулаторната комисија, доколку добие нови пресметки за намалување на цената, ќе донесе и нова Одлука за нејзино намалување.

– Доколку не се намали цената на електричната енергија се разговараше дека од страна на новата Влада, во најкус рок, потребно е за сите погодени категории на граѓани и домаќинства кои согласно податоците ќе бидат најпогодени од зголемувањето на центата на електричната енергија, да се субвенционира процентот на зголемување на цената на електричната енергија. Се разговараше и за потребата од намалување на ДДВ-то, како мерка за надминување на ценовната разлика од зголемувањето на цената на електричната енергија, се посочува во соопштението.

Димовски и Бислимоски разговарале и за потпишување Меморандум помеѓу РКЕ и ССМ и во наредниот период РКЕ пред донесување на Одлуки кои во поголема мера ќе влијаат на буџетот на работниците и докаќинствата да се разговара и да се разгледаат аргументите на сите страни вкучително и на работниците.

Претседателот на Сојузот на синдикатите Димовски потенцирал дека доколку не биде направена корекција на цените од страна на компаниите и покачување на цената на електричната енергија не биде повлечено, потребно е зголемување на сите плати и пензиите најмалку во висина на зголемените трошоци за живот.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/08/2020 16:45