По извршената оценка на барањето за ликвидносна поддршка поднесено од Народната банка, Европската централна банка (ЕЦБ) позитивно одговори на барањето, преку одобрување на билатерална репо-линија.

– На нашата централна банка ѝ е овозможено користење на ликвидносни средства во износ до 400 милиони евра, доколку има потреба од тоа, во форма на репо-трансакција за периодот до средината на следната година, или додека е потребно. Со тоа, ЕЦБ покажа подготвеност за поддршка нa Нaродната банка во условите на кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19, се вели во соопштението од Народна банка.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска смета дека позитивната одлука и одобрената репо-линија претставуваат потврда за, како што вели, нашата подготвеност како централна банка соодветно и навремено да одговараме на предизвиците од оваа криза и успешно да ја одржуваме макрофинансиската стабилност.

– И денарската и девизната ликвидност на нашата економија, и пред почетокот на корона-кризата беа на високо и адекватно ниво. Дополнително, во периодот од избувнувањето на кризата, Народната банка презеде мерки преку коишто се обезбеди дополнителна денарска ликвидност во банкарскиот систем, а воедно и за зајакнување на девизните резерви. Добиената поддршка од ЕЦБ дополнително ги зајакнува нашиот капацитет и подготвеност за соодветна реакција. Во случај на остварување на негативните ризици поврзани со корона-кризата, девизната ликвидност во евра овозможена од ЕЦБ ќе ни овозможи и поголем простор за брзо и ефикасно дејствување за ублажување на можните ефекти врз банкарскиот систем, истакнува меѓу другото гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска по повод воспоставувањето на репо-линијата за обезбедување ликвидност во евра, овозможена од ЕЦБ.

Во име на Народната банка, гувернерката упати голема благодарност до ЕЦБ за укажаната доверба и поддршка.

– Народната банка и натаму секојдневно ќе го остварува својот максимален влог за македонската економија и за нејзиното приближување кон големото европско семејство. И во текот на корона-кризата, таа продолжува по патот што води до Европскиот систем на централни банки, се наведува во соопштението од Народна банка.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/08/2020 12:24