Фондација Метаморфозис, преку проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“, ко-финансиран од Европската Унија, отвори Повик за апликации што би обезбедил поддршка на граѓанските организации за промовирање на Дигиталната агенда преку првиот циклус од грантовата шема за мали грантови ЛОТ 1: Доделување на субгрантови за центри за поддршка на е-Влада.
Како што соопштија од Метаморфозис, се предвидува доделување на 15 мали грантови на граѓански организации од Албанија, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија во опсег од 13 илјади до 17 илјади евра по грант. Целта, наведуваат, е приближно да се доделат по три грантови по земја со времетраење на спроведувањето на одделните грантови по 18 месеци.
Сите граѓански организации кои се подобни за аплицирање на Повикот, треба да ја достават нивната апликација до 30 септември 2020 година до 23:59 часот.
Целосниот опис на Повикот, како и формуларите за аплицирање се достапни на следниот линк.
– За повеќе информации за активностите што следат, се охрабруваат сите заинтересирани страни да ги следат Facebook профилот и Twitter страницата на проектот со назнака @ICEDAproejct, се наведува во соопштението.
Проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“ е кофинансиран од Европската Унија и го спроведуваат Фондација Метаморфозис, Отворени податоци Косово (Косово), Академија за е-владеење (Естонија), Центар за истражување, транспарентност и отчетност – ЦРТА (Србија), НВО 35 ММ (Црна Гора) и Lëvizja MJAFT (Албанија).