Центарот за јавно здравје Куманово во последниве 24 часа, евидентира шест новозаболени лица од Ковид 19 – пет од Куманово, еден од Липково, соопштија, денеска надлежните од јавната здравствена установа. Оздравени се 18 пациенти.

-Вчера имаше поголем број на новозаболени, а денеска се шест. Имаме двајца кои работат во странство, еден асимптоматски кој направил тест за да патува во странство. Во текот на вчерашниот ден имаше четврица повратници од странство, четворица кои сакале да се вратат во странство, двајца биле на одмор во Охрид, неколку изолирани случаи на вработени во приватни фирми и еден лекар од Општата болница. Уште еднаш апелирам строго да се почитуваат мерките, да одмараме, но да се запази физичката дистанца, да се носи маска, често да се мијат раце, изјави директорот на Центарот, д-р Ариф Љатифи.

Денеска, извршени се 52 тестирања од кои 20 по „Мој термин“ и 32 епидемиолошки и контролни тестови.

Од почетокот на пандемијата во Кумановско-липковскиот регион, Ковид дијагностицирани се 1.295 случаи, а во моментов активни се 286.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/08/2020 19:53