Изминатите два дена родители од општина Аеродром пишаа до редакцијата на „Макпрес“ за да пријават дека училиштата каде учат нивните деца, им испратиле електронски барања кои тие треба да ги пополнат, а се однесуваат на следната учебна година. Станува збор за прашалник од 5 прашања во кој од родителите се бара да го внесат името и презимето на нивното дете, да кажат дали се самохрани родители и да одговорат, меѓу другото, дали имаат дома услови за онлајн настава.
- Ова е смешно по неколку основи: На една недела пред 1-ви септември ова се прашува Ли?! Ако немаме услови за онлајн настава ќе ни ги обезбедат ли?! Од соседните училишта велат дека дури и не им испратиле прашалник, па директно во вибер група требале да се изјаснат. Како може родители кои немаат финансии да се стават на таков очиглед на другите, па да треба да признаат пред сите дека немаат пари за компјутер или интернет. Срамота! - вели Г.Х. мајка на 5-то одделенец во основно училиште во Аеродром.
Од општината нема коментар. Последен пат градоначалникот Златко Марин се појави во јавност некаде во јуни, и тоа на фотографија заедно со заменичката министерка за образование. Според општинското соопштение наводно разговарале за напредокот во градбата на училиштето „Димитар Македонски“, кое патем стои во место односно со месеци не се гради.
Последната информација за стартот на учебната година е дека би почнала на 1 октомври.