Работниците во фабриката за чевли „Баргала“ во Штип веќе втор ден го изразуваат своето незадоволство од висината на платите и бараат да се направи корекции на платите за март, април и мај и исплата на задоцнетата плата за месец јули.
Валентина Мркиќ работничка во Баргала, која има уште осум години до пензија вели дека и во услови на пандемија работниците работеле, голем број од нив и се со работен стаж од 25, па и над 40 години. Лојални се на фирмата, но бараат да се направи израмнување на платите, бидејќи како што велат работниците со 10.000 денари не може да се платат сметките и да се преживее.
-Ништо не бараме повеќе од ова, синдикатот преговара, а ние ги имаме само овие барања, по што откако ќе се исполнат веднаш ќе се вратиме на машините, вели Мркиќ.
Работниците добија и поддршка од Невладината „Гласен Текстилец“. Граѓанската активистка, Кристина Ампева вели дека нејзините ингеренции се до капијата во фабриката, а преговорите треба да ги водат синдикатот, на којшто вработените му плаќаат чланарина веќе 30 години.
-Разговарав со претставниците на ССМ, мојата помош во моментов е да поднесам претставка до трудовиот инспектор. Попладнево очекувам да имаме средба со работниците и првиот човек на ССМ, вели Ампева.
Наум Барзов дел од менаџерскиот тим на „Баргала“ вели дека во текот на денот раководството ќе има состанок, на којшто ќе заземат заеднички став, а медиумите ќе бидат информирани.