Лејди Гага беше sвезда на годинешното, претежно виртуелно доделување на Ем-ти-ви музички и видеонагради (MTV Music Video Awards). Таа освои пет награди, меѓу кои и за песна на годината, уметник на годината и соработка на годината – за песната „Rain on Me“.

Хитот е направен заедно со Аријана Гранде, а сега Лејди Гага првпат го изведе во живо.

– Да се ​​носат маски е знак на почит, рече Лејди Гага за време на едно од нејзините неколку појавувања додека ги примаше наградите.

Доделувањето на наградите првично требаше да се одржи во Баркли центарот во Бруклин, една од петте општини во Њујорк, но тоа се промени поради корона-пандемијата. Наместо тоа, се одржа на интернет, проследено со претходно снимени настапи.

Музичарот Викенд ја освои главната награда – за најдобро видео на годината за „Blinding Lights“. И Лејди Гага и Викенд им испратија пораки на гледачите за корона-пандемијата, нагласувајќи дека сите треба да носат маски и, повикувајќи на „правда за Џејкоб Блејк и Бриона Тејлор“, кои неодамна беа застрелани од американската полиција.

– Навистина ми е тешко да славам и да уживам во овој миг, па затоа само ќе кажам – правда за Џејкоб Блејк и правда за Бриона Тејлор!, рече Викенд.

Свеченоста ја ообележа уште еден трогателен миг, кога водителката Кеке Палмер рече дека шоуто е посветено на глумецот Чедвик Боузмен, кој почина од рак во петокот на 44-годишна возраст.

Колумбискиот пејач Малума е најдобар латино изведувач и добитник на наградата за најдобра латино песна. Поп-групата „БТС“, која доби четири награди, вклучувајќи ја и онаа за најдобрата поп-песна и најдобрата група, настапи од Јужна Кореја, со претходно снимен настап.

Наградата за најдобра „карантин-изведба“, отиде кај „Си-ен-си-оу“.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/08/2020 14:41