Дваесет и осум предлог-проекти од вкупно 39 продолжуваат во фазата на финална селекција на јавниот повик за справување со климатски промени 02-2, кој Фондот за иновации и технолошки развој го реализира во соработка со Програмата за развој на ОН, Министерството за надворешни работи на државата Израел, Министерство за животна средина и просторно планирање на С.Македонија, како и две партнер организации Кајама Центарот за одржлив дизајн од Израел и организацијата Македонија 2025.
Проектите се оценуваат според пет критериуми: влијание на животната средина и справување со климатски промени, степен на иновативност, квалитет на предлог проект, капацитет на проектниот тим односно конзорциумот и потенцијал на пазарот и во следните три дена ќе бидат претставени пред комисија за оценување и селекција, составена од претставници на партнер организациите и надворешни експерти.
Од ФИТР посочуваат дека проектите нудат решенија за глобалниот проблем со климатските промени и имаат за цел намалување на негативните последици по јавното здравје, како и дека спроведувањето на овие решенија се очекува да придонесе и кон намалување на севкупните трошоци врз јавните фондови, а кои се предизвикани од загадувањето.
Со јавниот повик ќе се финансираат проекти до максимален износ од 30.000 евра. На овие средства, апликантот треба да обезбеди минимум 15 проценти сопствено финансирање за предвидените активности.
– Новина во овој повик е тоа што за компаниите кои се дел од финалната селекција се предвидени и специјални награди и тоа, студиско патување во Израел -“Start-up Nation & Mentorship” за три компании кои се влезени во фазата на финална селекција. Ова вклучува и можност за средба и размена на искуства со водечки компании, акцелератори и хабови во областа на високата технологија и одржливост, а наградата ќе ја обезбедат Кајама центарот за одржлив дизајн од Израел и Министерството за надворешни работи на Израел. Македонија 2025 пак обезбедува договор за екстензивно партнерство за идно менторирање, консултации или друг тип на услуга за време на имплементацијата на проектот, за еден од тимовите кои се влезени во фазата на финална селекција, стои во соопштението од ФИТР.
Ова е втор повик на ФИТР наменет за проекти наменети за заштита на животната средина.