Управата за јавни приходи (УЈП) информира дека ја заокружи исплатата на повратот на дел од ДДВ искажан во фискалните сметки на физичките лица, за второто тримесечје. -Во месеците април, мај и јуни 2020 година 304472 лица скенирале 41.650.814 фискални сметки со што е остварен промет од 21.414.380.426 денари. За ова тримесечје исплатен е поврат од 268.763.538 денари на 236 493 лица кои скенирале фискални сметки и кои имаат наведено точни податоци во Апликацијата МојДДВ, соопштуваат од УЈП.

За корисниците на апликацијата кои имаа наведено трансакциска сметка од Еуростандард Банка исплатата на повратот беше стопирана и таа ќе се изврши откако ќе ги ажурираат податоците односно ќе наведат трансакциска сметка од друга банка.

Управата за јавни приходи апелира и до сите граѓаните корисници на апликацијата МојДДВ да внесат точни податоци како би се извршила исплатата на повратот на дел од ДДВ искажан во фискалната сметка.

Најчести причини поради кои не е извршена исплатата се: погрешно внесена трансакциска сметка, внесена трансакциска сметка на друго лице, а не на корисникот на апликацијата, или е внесен бројот на платежната картичка наместо број на трансакциска сметка.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/08/2020 16:13