Во населбата „Владо Тасевски“, на платото на „Млечен“, денеска попладне младите ќе имаат можност да бидат дел од настанот наречен ВЕЛО – РОДЕО, едукативно – рекреативно случување во организација на здружението на граѓани „ Eco Logic “ и Општина Карпош.
-Сите млади и активни сограѓани, кои се љубители во велосипедизмот можат да дојдат со својот велосипед и низ дружба и забава да ги увидат придобивките од користење на ова превозно средство. Во вело – мрежата на „Eco Logic“ се вклучени сите десет основни училишта во Карпош, што подразбира учество во континуираните активности со велосипед наменети за учениците, во организирање работилници и во напорите секое училиште и секоја населба да имаат подобра вело инфраструктура, соопштуваат организаторите.
Организацијата на вакви настани, додаваат тие, придонесува до поголема физичка активност кај младите, поточно за момент да ги остават телефоните и другите е – уреди и да бидат активни. Исто така, „враќањето“ на младите по маалските паркови, платоата, придонесува и за обновување на маалскиот соживот во Карпош, нешто што, како што велат, е обележје на оваа скопска општина.
Организаторите потсетуваат дека реализацијата на настанот ќе биде согласно сите протоколи за организирање на јавни настани. Задолжително е носењето на заштитна маска и одржување дистанца, а учесниците ќе имаат можност и за честа дезинфекција на рацете.