Властите во Венецуела соопштија дека помилувале над 100 опозициски политичари, меѓу кои и повеќе од 20 пратеници обвинети за заговор против претседателот Николас Мадуро.

Потегот на венецуелските власти е во пресрет на парламентарните избори што треба да се одржат во декември. Помилувањето на опозициските политичари укажува на тоа дека владејачката Социјалистичка партија се обидува да го охрабри учеството на изборите, кои дел од опозицијата планира да ги бојкотира, со образложение дека се наместени.

Меѓу опозициските политичари помилувани со претседателскиот указ се пратеникот Фреди Гевара, кој побара азил во чилеанската Амбасада, како и Роберто Мареро, соработник на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо.

Многумина од помилуваните опозициски политичари учествуваа во ланскиот неуспешен пуч во кој се обидоа да го симнат Мадуро од власт. Некои беа во затвор, додека други бараа дипломатски азил или беа во егзил.

Опозицијата тврди дека изборите одржани во 2018 година биле наместени и Гуаидо го сметаат за легитимен претседател на Венецуела, а истиот став го зазедоа над 50 земји во светот.

Активистите за заштита на граѓанските права остро ја критикуваа Владата на Венецуела за затворање на политички противници, честопати под обвиненија со малку или без докази.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/09/2020 11:08