Десетици високи политичари и нивните семејства купиле таканаречени „златни пасоши“ од Кипар од крајот на 2017 до крајот на 2019 година, дознава истражувачки тим на„Ал Џезира “, кој имал пристап до доверливи документи на кипарската Влада.
Меѓу оние кои купиле пасоши, од кои секој чини по најмалку 2,5 милиони долари, избрани се политичари од неколку држави, членови на одбори на државни компании и братот на поранешниот премиер на Либан.
Овие службени лица, познати како „политички изложени лица“ (ПЕП), меѓународно се сметаат за поединци кои се повеќе подложни на корупција затоа што или тие или членовите на нивните семејства се на власт.
Ова откритие се случи еден ден откако истражувачкиот тим на Ал Џезира откри дека Кипар продава пасоши на осудени криминалци и бегалци од законот.
Купил пасош и од трета земја
По информацијата што беше објавена во недела, Министерството за внатрешни работи на Кипар објави соопштение во кое се вели дека ги проверува тие тврдења и додаде дека се направени значителни промени во инвестициските програми во последните години.
Едно од лицата кое купило пасош е Мир Рахман Рахмани, претседател на Долниот дом на авганистанскиот Парламент, кој не само што купил кипарски патни исправи за себе, за неговата сопруга и трите ќерки, обезбедил и семејни пасоши од Св. Китс и Невис, една од неколкуте земји на Карибите што продава државјанства.
Рахмани е поранешен генерал кој стана исклучително успешен бизнисмен кој работи на договори за гориво и транспорт меѓу Владата на Авганистан и американската војска.
Неговиот избор за претседател на Домот предизвика тепачка додека опозицијата се пожали на кражба на гласови.
Златни пасоши купи и Фам Фу Квок, кој го претставува градот Хо Ши Мин и Конгресот на Виетнам, и рускиот државјанин Игор Рева, поранешен заменик министер за економски развој.
„Луѓето како нив обично имаат пристап до големи суми пари на даночните обврзници“, изјави за Ал Џезира Лори Бирлауд од антикорупциската невладина организација „Транспаренси Интернешнл“.
„Тие имаат пристап до јавни ресурси, договори со владата и се во состојба да донесат одлуки, што ги става во голем ризик да бидат корумпирани и да подмитуваат други“, рече Брилауд.
Од каде потекнуваат 2,5 милиони долари?
Документите не откриваат дали овие лица направиле нешто лошо, но се поставува прашањето зошто некој кој е на јавна позиција во својата татковина би сакал да купи друго државјанство за себе и членовите на семејството.
Исто така, се поставува прашањето како овие лица можат да соберат пари за да инвестираат најмалку 2,5 милиони долари во кипарската економија, што е еден од предусловите за добивање на кипарскиот пасош.
“Во многу земји, големо богатство може да се стекне само преку незаконски врски и односи”, изјави Најџел Гулд-Дејвис од Меѓународниот институт за стратешки работи во Велика Британија.
Според него, причината што овие службеници избираат да земат второ или дури трето државјанство е заштита на имотот стекнат со текот на годините.
„Кога заработуваат пари преку врски што ние ги сметаме за проблематични, тие сакаат да ги заштитат со тоа што ќе ги пренесат во една од земјите со владеење на правото“, изјави Гулд-Дејвис, мислејќи на Кипар.
Кипарскиот пасош е ценет бидејќи овозможува неограничено патување и пристап до пазарот на трудот и банките низ Европската Унија, чии официјални претставници во повеќе наврати ја критикуваа кипарската инвестициска програма.
Под притисок на ЕУ, Кипар ги смени правилата во 2019 година, но истражувањето на Ал Џезира покажува дека многу луѓе до тогаш веќе обезбедија место меѓу кипарските граѓани.
(Не)одземање на купеното државјанство
Меѓу нив се и Мухамед Џамал, кој раководи со Фондот за инвестиции во Саудиска Арабија, Танг Јонг претседател на енергетскиот конглометар „China Resources Power Holding“, Апурв Багри поранешен потпретседател на органот за финансиски услуги на Дубаи, Вадим Москович поранешен член на Долниот дом на Русија и милијардерот Таха Микати, брат на поранешниот либански премиер Наџиб Микати.
Во јули 2020 година Кипар донесе нов закон со кој се дозволува одземање на купено државјанство за секој што се смета за штетен за националниот интерес на Кипар.
Сепак, иако се чини дека наведените лица по донесувањето на законот не изгледаат соодветни да станат граѓани на Кипар, се чини дека никој од нив нема да го изгуби златниот пасош.
Како одговор на истрагата на Ал Џезира, кипарскиот министер за внатрешни работи Никос Нурис не одговори на прашањето дали службениците кои ги купиле пасошите, исто така, се опфатени со новиот закон.