Американската компанија „Фејсбук“ најави можно спречување на објавување вести на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Инстаграм“ за компании и приватни лица од Австралија, доколку биде усвоен закон според кој ќе треба да им се плаќа на австралиските медиумски куќи за таа содржина.

Австралиската Влада во јули најави воведување на систем со кој Фејсбук и Гугл би плаќале еден вид авторски права на медиумите за објавените вести. Законот би требало да биде усвоен оваа година.

Кон крајот на минатата година, Владата препорача Фејсбук и Гугл доброволно да склучат договори со австралиските медиумски компании, но преговорите што следеа потоа, беа неуспешни.

Затоа, австралиското регулаторно тело за прашања околу конкуренцијата подготви нацрт-закони според коишто медиумските куќи ќе имаат право да преговараат за праведен паричен надоместок за работата на нивните новинари.

Реагирајќи на тоа, директорот на „Фејсбук“ за Австралија, Вил Истон изјави дека предложените закони предизвикуваат недоразбирања кои само ќе им наштетат на медиумските компании.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/09/2020 14:00