Сојузот на стопански комори на Македонија, денеска организира официјална средба со премиерот и економскиот тим по формирањето на новата Влада.

Како што информираат од ССК во фокусот на средбата ќе бидат најважните економски приоритети за потребите на реалното стопанството кои треба итно да се преземат.

На средбата присутни ќе бидат и вицепремиерот за економски прашања, ресорните министри во Владата како и претседателството на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Од ССК порачуваат дека економските приоритети на новата Влада треба да бидат во согласност со потребите на претпријатија, кои се борат да ја одржат својата ликвидност.

-Од почетокот на кризата Сојузот институционално учествуваше со предлози и препораки за донесување на економски мерки кои реално ќе ги рефлектираат потребите на приватниот сектор. Македонските мали и средни претпријатија кои претставуваат повеќе од 99 отсто од регистрираните активни претпријатија, имаат клучна улога во функционирањето на националната економија. Тие со 65 отсто учество во бруто домашниот производ доминираат пред другите субјекти, обезбедуваат повеќе од 80 отсто од работните места во приватниот сектор и се столбот на македонската економија, наведуваат од ССК.

Сојуз на стопански комори на Македонија застапува над 35 стопански комори и организации.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/09/2020 10:51