По посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Кеноша, Висконсин, демонстрантите продолжија со протестите што почнаа откако бел полицаец пукаше кон афроамериканецот Џејкоб Блејк на 23 август.

Блејк (29) беше застрелан седум пати во грбот. Неговото семејство вели дека е парализиран.

Претходно, неколку стотици приврзаници и критичари на Трамп се собраа на раскрсницата во центарот на Кеноша, каде скандираа едни против други, но нема извештаи за насилство.

Некои жители на Кеноша стравуваа дека посетата на Трамп ќе поттикне насилство.

Тензиите се зголемија привремено како што поминуваше колоната на Трамп, а неговите приврзаници аплаудираа додека противниците свиркаа и пцуеја. Најмалку две лица носеле пиштоли во футроли, велејќи дека се приврзаници на Трамп и дека имаат дозволи за носење.

За време на неговата посета на Кеноша, Трамп рече дека не верува дека постои проблем со системски расизам во полицијата. Тој ги посети продавниците кои беа изгорени за време на протестите претходните денови и ги обвини демократите, кои се на чело на Кеноша и Висконсин, за сегашната состојба.

Трамп оцени дека полицијата понекогаш е под силенпритисок и дека не се справува добро со тоа.

Тој се обидува да обезбеди поголема полициска поддршка пред изборите на 3 ноември и тврди дека е гарант за „редот и законот“.

Министерството за правда на Висконсин соопшти дека прегледале 28 видео снимки поврзани со пукањето на Џејков Блејк во Кеноша и издаде четири налози за претрес.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/09/2020 15:49