Според белгиските медиуми, првите дози вакцини против Ковид-19 би требало да пристигнат во Белгија во март, јави дописничката на МИА од Брисел.

Според генералниот директор на Агенцијата за лекови на Белгија, Ксавие ДеКејпер, вакцините треба да бидат достапни за Белгија до идната пролет, најверојатно во март 2021.

-Врз основа на сите информации со кои располагам, можам да тврдам дека во март 2021 би можеле да имаме достапна вакцина против Ковид-10 во Белгија, ова е реалистичен рок, изјави ДеКејпер за белгиските медиуми.

Директорот својата проценка ја темели врз информациите и преговорите што ги води со производителите на вакцините.

Тој објаснува и дека нема да можат сите земји во ЕУ да ги добијат дозите на вакцина во исто време, и се очекува ЕУ да произведе шема на дистрибуција. Според него, првата набавка би требало да се состои од околу педесет милиони вакцини, од кои Белгија ќе добие 1,2 милиони дози.

Тоа исто така значи дека земјите нема да имаат доволно вакцини за целото население и дека ќе треба да се носат одлуки за приоритетни лица.

-Дискусијата ќе биде тешка и ќе има голем притисок од сите сектори, изјави директорот на Агенцијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2020 19:46