Шпанската шема ЕРТЕ за работници со принуден одмор ќе биде продолжена се додека е потребно, изјави министерката за труд Јоланда Дијаз за радиото ИБ3, пред разговорите со синдикатите и работодавачите за ова прашање, закажани за утре.
Оваа шема, која завршува на 30 септември, им обезбедува на работниците кои се на принуден одмор да земат 70 отсто од нивната плата за првите шест месеци, а потоа да добиваат 50 отсто од платата.
– Клучот на механизмот е тоа да остане. Апсурдно е да се одреди крајниот датум. Верувам дека ЕРТЕ треба да остане. Колку долго? Сè додека е потребно, рече Дијаз.
Таа треба да се сретне со претставници на синдикатот и деловните лидери во Палма де Мајорка за да преговараат за условите за тоа како да ја продолжат програмата.
Во интервју за телевизијата Ла Секста, Дијаз го опиша намалувањето на 50 проценти како „многу неправедно“.
– Ние сакаме да ја задржиме заштитата од 70 проценти“, рече таа.
Програмата, која беше воведена во март, обезбеди поддршка за околу 3,4 милиони луѓе за време на пандемијата на коронавирусот.