Министерот за надворешни работи на ЕУ, Јозеф Борел, денеска го повика Вашингтон да ја промени одлуката за воведување санкции кон обвинителката на МКС, Фатуи Бенсуди, и други членови на Меѓународниот кривичен суд (МКС), нарекувајќи ги „неприфатливи и невидени“.

-Санкциите се неприфатливи и претставуваат невидени мерки кои се обидуваат да ја попречат истрагата на судот и судските постапки, рече Борел, пренесен од британските медиуми.

Според него, Вашингтон треба да ја преиспита својата позиција и да ја промени одлуката за донесените мерки.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) синоќа соопшти дека потегот на американската Влада да воведе санкции врз обвинителката на судот е напад врз меѓународното право и владеењето на правото.

Судот реагираше откако американската Влада ја стави на црната листа обвинителката од судот Фатуи Бенсуди затоа што покренала истрага за тоа дали американските сили извршиле воени злосторства во Авганистан.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, вчера го обвини Судот за нелегитимни обиди да ги подведе Американците под негова надлежност, објави Би-Би-Си.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2020 21:40